Цели за одржлив развој (ЦОР)

 


Што е одржлив развој?

Сите ние сакаме да живееме во чиста, убава и безбедна околина. Затоа светот има посебен план наречен Цели за одржлив развој (или кратко ЦОР). Тоа се 17 важни цели кои помагаат сите луѓе да живеат подобро. ЦОР зборуваат за важни теми како:

- Чиста вода и чист воздух.

- Здрави луѓе и среќни деца.

- Добро образование.

- Борба против глад и сиромаштија.

- Заштита на природата и животните.

- Грижа за нашата планета.

Целта е светот да стане подобро место за живеење за сите нас.

Што е урбанистичко планирање?

Кога ќе погледнете некој град од високо, ќе видите дека куќите, улиците, парковите и училишта не се изградени случајно. Сето тоа е однапред испланирано. Тоа се нарекува урбанистичко планирање.

Урбанистите се луѓе кои планираат каде да има улици, паркови, училишта, болници, игралишта и сè што му е потребно на еден град за да биде уреден и убав за живеење.

Како урбанистичкото планирање помага за одржлив развој?

Денес луѓето сакаат градовите да бидат:

Чисти - без загадување.

Безбедни - да има тротоари, училишта, паркови.

Зелени - со многу дрвја и паркови.

Паметни - да користат нови технологии за штедење струја и вода.

Достапни - за сите луѓе, вклучувајќи ги и лицата со попреченост.

Токму затоа, урбанистичарите го користат планот наречен ЦОР 11 кој вели: „Градовите и населените места треба да бидат инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи.“

Со други зборови - треба да бидат добри места за живеење на сите.

Како можеме сите да помогнеме?

Да не фрламе ѓубре на улица.

Да се грижиме за парковите и дрвјата.

Да пешачиме или возиме велосипед.

Да внимаваме да не трошиме премногу струја и вода.

Да зборуваме со пријателите и семејството зошто е важно да ја чуваме природата.

Дури и како деца, можете да бидете чувари на природата и мали урбанисти, помагајќи вашиот град да биде поубав и поздрава средина за сите.


ПЛАН ЗА ЧАС

Наставен предмет:

Медиумска писменост / Проектна настава / Граѓанско образование

Тема на часот:

Како медиумите ни помагаат да разбереме што значи „одржлив развој“ и „одржливи градови“

Цели на часот:

Учениците ќе разберат што значат поимите одржлив развој и урбанистичко планирање.

Ќе ги препознаваат пораки поврзани со животната средина и одржливиот развој во различни медиуми.

Ќе развиваат критичко мислење и ќе ги анализираат медиумските содржини.

Ќе креираат сопствена медиумска порака за чисти и одржливи градови.

 

Тек на часот:

1. Вовед (10 минути)

Поставување прашања:

Што знаете за одржлив развој?

Дали слушате/гледате реклами или пораки за чиста животна средина?

Дали вашиот град е „одржлив“? Зошто да / зошто не?

Кратко објаснување на поимите:

Одржлив развој = Да се развиваме, но да ја чуваме природата.

Урбанистичко планирање = Како се уредуваат градовите да бидат удобни, чисти и безбедни.

 

2. Работа со медиумски содржини (15 минути)

Прикажување:

2 кратки видеа (или слики) за одржливи градови.

Рекламен постер или кампања од локална самоуправа/ОН/ЕУ.

 

Дискусија:

Кој е главниот медиумски канал (видео, постер, радио)?

Каква порака се пренесува?

Дали е убедливо? Дали ви се допаѓа? Зошто?

 

3. Креативна активност (15 минути)

Поделба во групи:

Група 1: Подготвуваат слоган за одржлив град.

Група 2: Цртаат постер.

Група 3: Смислуваат радио порака (до 30 секунди).

Презентација на резултатите од групите.

 

4. Заклучок и дискусија (5 минути)

Зошто е важно да зборуваме за овие теми во медиумите?

Како медиумите можат да нè поттикнат да го чуваме градот?

Што може секој од нас да направи во својата средина?

Оценување и евалуација:

Формативно - следење на вклученост во дискусија, работа во група и креативни идеи.


Квиз: Одржлив развој и урбанистичко планирање

Прашање 1:
Што значи одржлив развој?
a) Да користиме колку што можеме повеќе ресурси
b) Да живееме така што ја чуваме природата и ресурсите за идните генерации
c) Да градиме многу високи згради

Прашање 2:
Кои се некои од Целите за одржлив развој? (Одбери сите што важат)
a) Чиста вода и воздух
b) Борба против глад и сиромаштија
c) Секој да има спортски автомобил
d) Заштита на животната средина

Прашање 3:
Кој планира каде ќе има улици, паркови и училишта во градот?
a) Урбанисти
b) Лекари
c) Пекари

Прашање 4:
Кои од овие нешта помагаат градот да биде одржлив?
a) Многу дрвја и паркови
b) Чист воздух
c) Многу отпад фрлен на улица
d) Штедење струја и вода

Прашање 5:
Што можеш да направиш ти за да помогнеш својот град да биде подобро место за живеење?
a) Да фрлаш ѓубре на улица
b) Да пешачиш или возиш велосипед
c) Да го користиш телефонот 24 часа без престан

Одговори:

  1. b

  2. a, b, d

  3. a

  4. a, b, d

  5. b


Comments

Popular posts from this blog

Кога незнаењето станува петка

Осмомартовска акција /8 Mart Etkinliği

5 Мај - Денот на македонскиот јазик / Ден на усвојување на македонската азбука