Кога незнаењето станува петка

 Кога незнаењето станува петка:


Приказна за медиумска писменост од училница

Во една земја, во едно училиште, сè е совршено.Сите ученици имаат петки, родителите се задоволни, наставниците „соработуваат“, а директорите со задоволство потпишуваат свидетелства.

Идеална слика, нели?

 

Но дали тоа е вистината?

Зад оваа фасада се крие една многу поинаква приказна. Приказна која мора да се раскаже - не за да се напаѓаат, туку за да се разбере зошто медиумската писменост не е само прашање на вестите, туку и на вистината во секојдневието, особено во образованието.

 

Дали незнаењето треба да се наградува?

Со години работам во училиште каде секој ученик, независно дали учел или не, завршува со петка. Јас не се бунам за бројот на петки - се радувам кога ги заслужуваат. Но кога препишувачите, отсутните, недисциплинираните ги добиваат истите оценки како учениците што учеле со жар, мора да прашаме: зошто тогаш постојат критериуми?

Најтешкиот момент секоја година е кога гледам вредни, скромни ученици како со наведната глава прифаќаат дека некој друг, кој цела година не вложил ништо, ќе има иста или повисока оценка од нив. Тогаш се срамам - не за себе, туку за системот кој ги изневерува.

Приказната што никој не ја прикажува

Мојот просек по одделенија редовно е многу добар. Секој ученик што добил оценка, ја добил врз основа на јасни критериуми: активности, знаење, домашна работа, однесување…

И тогаш - на крајот на годината - советот ги прегласува моите оценки. Во 2023/24 година, ми беа сменети 20. Минатата 17. Секој пат без образложение, без моја согласност, често по наговор на директорот.

Родители поднесуваат приговори не затоа што децата се оштетени, туку затоа што „им следува“. Најчестите образложенија звучат вака:

„Не му оди предметот, ама добар е, брани гол и ги мести столчињата за приредба.“

А најстрашното е што овие приговори се пишувани од колеги и  не се одбиваат - туку се претвораат во одлуки.

 

Медиумска писменост во е-дневникот

Секојдневно читаме за дигитализација на образованието. Имаме е-дневник, онлајн платформи, апликации. Но вистинската дигитална писменост не е да знаеме каде да кликнеме - туку да разбереме што ни се сервира  како вистина.

Кога ученик со 5 тројки наеднаш  добива сите петки, а притоа ни сам не верува дека ги заслужил, тоа е лажна слика.

Кога е-дневникот одбива да ги зачува реалните оценки, а дозволува манипулации преку гласање - тоа не е алатка за ефикасност, туку за фалсификување реалност.

 

Каде не носи ова?

Средните училишта ни враќаат повратна слика:

Ученици кои во основно имаат сите петки, таму добиваат 13 слаби оценки од 13 предмети. Како? Па затоа што не ги научиле основите. А наставниците таму не гласаат - туку вреднуваат.

Мислев дека сите деца се „наши“. Но ми ечат во ушите речениците на одредени колеги:

-     - Како не ти е срам, браќата да им ги земаат местата на нашите деца?-

Тогаш сфаќаш дека ова повеќе не е образовен, туку морален и културен проблем.

 

Како медиумски да ја читаме оваа реалност?

Медиумската писменост значи:

Да не веруваме слепо во извештајот со сите петки - туку да прашуваме зошто.

Да разбереме дека тишината на наставникот е можеби форма на притисок, не согласност.

Да препознаеме дека совршеното сведителство може да крие системски неуспех.

 

Што можеме да направиме?

Да воведеме описно оценување до 9. одделение - за да не се лажеме.

Да го смениме членот 143 од Законот за основно образование - така што барателот на промена на оценка ќе мора да го образложи барањето, не наставникот да се правда. (за 2024/2025 е сменет)

Да бараме јавно објавување на број на изменети оценки по наставник, по предмет и по училиште - како форма на транспарентност.

 

Завршна порака:

Наставниците не се непријатели на учениците. Тие се нивни сојузници - кога системот им ја краде вистината.

Вистинската медиумска писменост започнува од училницата - од тоа дали ќе дозволиме лагата да добие петка, а вистината - укор.




За жал и оваа година - премногу укори за оние што се секогаш тука и даваат сè од себе. А лагите, од далечина, сеирџиски гледаат како им се подобрува успехот.



Наставно ливче по Медиумска писменост

Тема: Вистината зад "сите петки" - како да препознаеме манипулација во образовниот систем?


1. Разбирање на текстот

Одговори кратко и прецизно.

а. Каква е "официјалната" слика за училиштето во текстот?

б. Кои се проблемите што ги забележува авторот зад таа совршена слика?

в. Што се случува со оценките што ги доделува авторот?

г. Како реагираат учениците кои се трудат, а гледаат неправедно оценување?

2. Критичко размислување

а. Какво влијание има менувањето оценки врз мотивацијата на учениците?

б. Што значи фразата: "совршеното сведителство може да крие системски
    неуспех"
?

в. Дали еден систем може да изгледа успешен, а всушност да биде
    неуспешен? Објасни преку примери од текстот.

3. Медиумска писменост во образованието

а. Што значи медиумска писменост во контекст на училиште и е-дневник?

б. Како може службени извештаи и статистики (како успех на ученици) да       
    бидат манипулирани?

в. Кои се „медиумските алатки“ што треба да ги користиме за да ја провериме
    вистинитоста на службени податоци?

4. Прашања за дискусија

а. Дали си забележал/а ситуации кога оценките не одговарале на знаењето?
    Како си се чувствувал/а?

б. Дали мислиш дека треба да постои начин за јавно следење на изменети
    оценки и зошто?

в. Каква е улогата на наставникот кога системот врши притисок да се прикрие
    реалноста?

5. Активност:
Анализирај "совршен извештај"

Замисли дека добиваш службен извештај со следниве податоци:

Сите ученици во училиштето имаат одличен успех.
Ниту еден ученик нема слаба оценка.
100% ученици се запишани во средно.

а. Што треба да се запрашаш пред да поверуваш во овие бројки?

б. Кои податоци би сакал/а да ги добиеш за да провериш дали извештајот ја
     кажува вистината?

 Цели на ливчето:

- Да ги поттикне учениците да поставуваат прашања зад службени
  информации.

- Да ги разберат механизмите на институционална манипулација.

- Да го поврзат концептот на медиумска писменост со секојдневниот живот во
   училницата.





Предлог одговорите на прашањата од наставното ливче по Медиумска писменост според текстот "Вистината зад сите петки":

 

1. Разбирање на текстот

а. Каква е "официјалната" слика за училиштето во текстот?
Училиштето изгледа совршено - сите ученици имаат петки, родителите се задоволни, наставниците „соработуваат“, а директорите гордо потпишуваат сведителства.

б. Кои се проблемите што ги забележува авторот зад таа совршена слика?
Оценките се манипулираат, ученици добиваат петки и без знаење, вредните ученици се демотивирани, а системот ја прикрива вистината.

в. Што се случува со оценките што ги доделува авторот?
Советот на наставници ги менува неговите оценки без образложение, по притисок од директорот и родителски приговори.

г. Како реагираат учениците кои се трудат, а гледаат неправедно оценување?
Се чувствуваат изневерени, со наведната глава прифаќаат неправдата и губат мотивација.

2. Критичко размислување

а. Какво влијание има менувањето оценки врз мотивацијата на учениците?
Ги демотивира учениците кои вложуваат труд, бидејќи гледаат дека трудот не се вреднува подеднакво.

б. Што значи фразата: „совршеното сведителство може да крие системски неуспех“?
Зад бројките што изгледаат одлично се крие неправда, манипулација и пад на квалитетот на образованието.

в. Дали еден систем може да изгледа успешен, а всушност да биде неуспешен? Објасни преку примери од текстот.
Да - иако сите ученици имаат петки, во средно училиште паѓаат по повеќе предмети, што покажува дека во основното не стекнале реално знаење.

3. Медиумска писменост во образованието

а. Што значи медиумска писменост во контекст на училиште и е-дневник?
Да умееме да читаме податоци критички, да разбереме што стои зад броевите и дали тие ја претставуваат вистинската состојба.

б. Како може службени извештаи и статистики (како успех на ученици) да бидат манипулирани?
Со промени на оценки, со прикривање на слабости и прикажување нереално добри резултати.

в. Кои се медиумските "алатки" што треба да ги користиме за да ја провериме вистинитоста на службени податоци?
Споредби со надворешни резултати, анализа на различни извештаи, сведоштва од вклучени страни и критичко поставување прашања.

4. Прашања за дискусија

а. Дали си забележал/а ситуации кога оценките не одговарале на знаењето? Како си се чувствувал/а?
(Примерен одговор) Да, и тоа ме направи фрустриран/а бидејќи чувствував дека трудот не се вреднува еднакво за сите.

б. Дали мислиш дека треба да постои начин за јавно следење на изменети оценки и зошто?
Да, затоа што тоа ќе донесе транспарентност, отчетност и ќе ја намали злоупотребата на системот.

в. Каква е улогата на наставникот кога системот врши притисок да се прикрие реалноста?
Наставникот треба да биде чувар на вистината и интегритетот, дури и под притисок, и да ги заштити учениците што вложуваат труд.

5. Активност: Анализирај "совршен извештај"

а. Што треба да се запрашаш пред да поверуваш во овие бројки?
Дали бројките се реални, како се добиени, и дали постои можност тие да се манипулирани за да се прикаже подобра слика отколку што е во реалноста?

б. Кои податоци би сакал/а да ги добиеш за да провериш дали извештајот ја кажува вистината?
Податоци за резултати на екстерно тестирање, напредок во средно училиште, број на изменети оценки, приговори и присуство на ученици.

Постигнати цели:
- Учениците критички ги анализираат службените информации.
-  Разбираат институционални манипулации.
-  Го применуваат концептот на медиумска писменост на реални ситуации.


Comments

Popular posts from this blog

Осмомартовска акција /8 Mart Etkinliği

5 Мај - Денот на македонскиот јазик / Ден на усвојување на македонската азбука