Децата се огледало на општеството што го создадовме
Денес, како и некогаш, дете е дете. Децата на таа возраст ја имаат истата
искреност, љубопитност, енергија и чувство за правда. Единствената разлика меѓу
тогаш и денес е што денес сè помалку им дозволуваме да бидат деца.
Премногу работи правиме наместо нив - и дома и на училиште. Не им оставаме
доволно простор самостојно да истражуваат, да грешат, да учат од сопствените
грешки, да преземаат одговорност и да се докажуваат. Сакаме да ги заштитиме од
секоја тешкотија, а притоа забораваме дека токму преку предизвиците се градат
карактерот, самостојноста и одговорноста. Кога не им дозволуваме својата
енергија да ја насочат кон вистински вредности, таа понекогаш наоѓа погрешен
излез – преку агресија, насилство и несоодветно однесување. Затоа, наша задача
е да им помогнеме таа енергија да ја насочат кон учење, творење, спорт,
истражување и напредување.
Дали ќе одат кон создавање или кон назадување, во голема мера зависи од нас,
возрасните, од нашите примери, воспитување и насоки.
Но, дали навистина имаме право целата одговорност да им ја префрлиме на децата
и нивните родители?
Не се виновни денешните деца, па дури ни нивните родители. Виновни сме ние,
повозрасните, особено оние што со години требаше да бидат пример, да го чуваат
знаењето и да ги пренесуваат вистинските вредности. Ние, наставниците,
просветните работници и сите што имавме можност, но и обврска, да влијаеме врз
создавањето на идните генерации.
Дозволивме знаењето да ја изгуби својата вистинска вредност, трудот да стане
спореден, а оценката да се претвори во обична бројка што често не ја отсликува
реалната способност. Петките премногу често станаа покритие за незнаењето, а
дипломите неретко потврда за формално завршено образование, наместо доказ за
стекнато знаење, стручност и компетентност. Кога нешто не си го заработил со
труд, кога не си вложил време, знаење и посветеност, тогаш лесно го подаруваш,
продаваш или обезвреднуваш. Незаслуженото лесно се раздава токму затоа што не ја
знаеш неговата вистинска цена.
И денес ги живееме последиците од таквиот однос. Се соочуваме со недостиг на
стручност, професионалност и одговорност. Гледаме пациенти кои ги губат
животите, градби што се уриваат, а сè почесто и возрасни луѓе кои не располагаат
ни со основна писменост. А потоа се чудиме, негодуваме, бараме виновници и го
обвинуваме системот.
Но, кој го создаде тој систем? Зарем не сме и ние негови творци и соучесници?
Зарем не молчевме кога требаше да реагираме? Зарем не премолчувавме неправди,
не го релативизиравме незнаењето и не дозволувавме неспособноста да поминува
како нормална појава?
Премногу често се продаваме евтино. За лична корист, за мирен ден, за
привилегија или за моментална удобност. Го жртвуваме принципот заради
сопствениот интерес, без да размислиме дека секое наше отстапување од
вредностите има цена. А таа цена утре ќе ја платат оние што доаѓаат по нас.
Не можеме да бараме од децата да бидат подобри од примерот што им го оставаме.
Не можеме да очекуваме да ги почитуваат трудот, знаењето, чесноста и
одговорноста ако самите не ги почитуваме. Не можеме да бараме општество со вистински
вредности ако сме дозволиле тие вредности да бидат обезвреднети.
Најголемата наша одговорност не е само што не успеавме да им оставиме подобро
општество на идните генерации, туку и што премногу лесно се помиривме со
неговото пропаѓање.
Затоа, пред повторно да ги обвиниме децата, родителите, наставниците или
системот, треба да имаме храброст да погледнеме во сопственото огледало. Можеби
таму ќе го најдеме одговорот на прашањето како стигнавме до ова дереџе -
секогаш кога го омаловаживме туѓиот труд, кога дозволивме ситните привилегии и
личниот интерес да бидат поважни од професионалната чест и кога молчевме пред
неправдите само за да си го зачуваме мирот...
Децата не го создадоа светот во кој растат. Ние им го оставивме
таков. А наша обврска е да не им оставиме уште полош за нивните деца.
Мислам дека решение за сите непожелни случувања во образованието е описно вреднување на стекнатите компетенции на ученикот во основното образование, наместо класични бројчани оценки. Описите да се водат групирано по сродни области (јазична група, математика и информатика, природни науки, општествени, уметнички и практични области), со јасно наведување што ученикот знае и може, каков е неговиот пристап кон наставата и во која насока има потенцијал. Така оценувањето ќе биде реална слика за ученикот, наставникот ќе има целосна стручна автономија без надворешно мешање, а натамошното насочување ќе се прави токму според овие компетенции.
Какво е вашето искуство и мислење - дали ваквиот модел би донел поголема објективност, мир и квалитет во наставата?


Comments
Post a Comment