Една деценија во eTwinning – благодарност, раст и инспирација
Една деценија во eTwinning – благодарност, раст и инспирација
Веќе десет
години сум дел од eTwinning - заедница што за мене никогаш не била само
платформа, туку жив простор на знаење, креативност, поддршка и визија. Во тие
десет години не само што реализирав проекти, туку растев - професионално,
дигитално и човечки. Научив што значи соработка без граници, што значи да
споделуваш идеи со колеги од различни образовни системи и култури, и што значи
вистинска просветарска солидарност.
eTwinning
е една од највредните образовни заедници на кои сум имала чест да им припаѓам.
Тоа е место каде што знаењето не се задржува, туку се умножува; каде што
искуството не се крие, туку се споделува; каде што инспирацијата постојано
кружи меѓу нас и нè мотивира да бидеме подобри за нашите ученици. Секоја
активност, секој проект, секоја нова соработка беше чекор напред - кон
поотворено, покреативно, подигитално и поевропско образование.
Денес,
преку European School Education Platform (ESEP), оваа приказна продолжува уште
посилно, поструктурирано и повидливо. Платформата овозможува вмрежување,
професионален развој и соработка на едно повисоко ниво. Чувството дека си дел
од европска мрежа на посветени наставници, кои размислуваат слично и делуваат
со иста страст, е непроценливо. Тоа чувство ти дава сигурност дека не си сам во
својата мисија.
Во
меѓувреме, слушам дека во некои земји се воведуваат рестрикции во однос на
дигитализацијата во училиштата. А јас… јас со години сонував како изгледа да се
работи во целосно дигитализирана средина. Јас со еден телефон во рака, а тие со
лаптопи, интерактивни екрани, смарт табли… Им завидував - и можеби сè уште им
завидувам - што никогаш не ја почувствував таа благодет во целост, која некои
денес лесно ја отфрлаат.
За мене,
дигитализацијата никогаш не била луксуз, туку можност. Можност да ги отворам
хоризонтите на учениците, да ги поврзам со врсници од други земји, да им покажам
дека учењето нема граници - ниту географски, ниту културни, ниту јазични. И
токму затоа сум благодарна - што и со скромни ресурси, преку eTwinning и ESEP,
успеав да создадам вредни искуства, трајни пријателства и вистински европски
приказни.
Оваа
деценија ме научи дека не се најважни алатките - туку луѓето, идеите и желбата
за напредок. Технологијата е средство, но ентузијазмот е движечката сила. А
кога ја имаш таа сила, можеш да создаваш чуда - дури и со еден телефон во рака.
Во изминатите
години реализирав над 70 проекти со европски и национален знак за квалитет, а
денес сум eTwinning тренер и eTwinning амбасадор. Но најголемото признание не
се титулите - туку учениците кои растат со пошироки видици и колегите со кои
градиме заедничка европска образовна приказна.
И затоа -
благодарност. За довербата, за соработките, за инспирацијата. И за секој нов
почеток.
Comments
Post a Comment