Тајната на Дедо Мраз, каде живее и како ги слуша желбите на децата?
Тајната на Дедо Мраз,
каде живее и како ги слуша желбите на децата?
Далеку,
далеку на север, таму каде што зимата ги облекува шумите во бело, реките ги
претвора во ледени патеки, а снегулките танцуваат на ветрот, се наоѓа едно
посебно место - волшебната Лапонија, во северниот дел на Финска. Таму, во
близина на градот Рованиеми, се наоѓа познатото Село на Дедо Мраз. Во него,
меѓу малите дрвени куќички, илјадниците светилки и снежните патеки, живее
најсаканиот дедо на светот - нашиот Дедо Мраз.
Неговата куќа е секогаш полна со топлина, радост и празнична магија.
Додека надвор тивко паѓа снег, во неговите работилници вредните џуџиња и
помошници цела година подготвуваат подароци за децата. Некој изработува кукли,
некој играчки автомобили, некој пакува подароци, а друг ги украсува со шарени
панделки.
Kако Дедо Мраз
успева да ги слушне желбите на децата од целиот свет?
Недалеку од неговото село се наоѓа необичната планина Корватунтури. Нејзиниот облик потсетува на глава со две големи уши. Според една стара лапонска легенда, токму тие уши му помагаат на Дедо Мраз да ги слушне детските желби, дури и кога се шепотат сосема тивко, од најдалечните краишта на светот. А кога ќе погледнете кон небото над Лапонија, можеби ќе ја забележите најубавата зимска претстава - поларната светлина. Зелени, сини, виолетови и црвени бои се прелеваат над снежните шуми, како некој невидлив сликар да го украсил небото. Постои една легенда која вели дека лисиците, трчајќи низ снегот и удирајќи со опашките, создаваат светлечки искри кои се издигнуваат кон небото. Во околните шуми живеат и многу ирваси, верни пријатели на Дедо Мраз. Тие ги подготвуваат своите санки за најважното патување во годината - патувањето исполнето со подароци, насмевки и детска радост. Во селото на Дедо Мраз постои уште едно посебно место - неговата пошта. Таму пристигнуваат илјадници писма од деца од целиот свет. Некои му пишуваат што посакуваат за Нова година, други му раскажуваат за своите мали радости, за семејството, другарчињата и убавите дела што ги направиле. Дедо Мраз ги чита сите писма со големо внимание, бидејќи за него секое дете и секоја желба се важни.
А знаете ли дека и
вие можете да му испратите писмо?
Еве ја адресата на неговата официјална пошта:
Santa Claus
Santa Claus Main Post Office
Tähtikuja 1
96930 Arctic Circle
Rovaniemi, Finland
Ако некогаш патувате во Лапонија, можете и лично да го
посетите Дедо Мраз, да седнете покрај него, да му ја раскажете вашата приказна
и да му ја шепнете најголемата желба. Кога ќе дојде празничната ноќ, Дедо Мраз
ги подготвува своите санки, ги повикува верните ирваси и тргнува на долго
патување низ светот. Под секоја елка остава по некое изненадување, а во секој
дом се надева дека ќе донесе барем малку повеќе радост. Вистинската магија на
Дедо Мраз не е само во подароците што ги носи. Таа е во добрината, во
споделувањето, во искрената насмевка, во прегратката со најблиските и во
радоста што ја подаруваме едни на други.
Да се потсетиме: најубавите желби се оние што доаѓаат од
срцето, а најубавите подароци се љубовта, пријателството и добрината.
Можеби токму сега, некаде во далечната Лапонија, Дедо Мраз отвора едно ново писмо…
Можеби е токму твое.

Comments
Post a Comment