ДИГИТАЛЕН АКТИВИЗАМ



ПРИКАЗНА:   Дигитален активизам

Дигитален активизам против неправдата во соседството

Во стара и запуштена станбена зграда живееше една возрасна жена која и покрај нарушеното здравје, секојдневно се спушташе од третиот кат по стрмните и никогаш исчистени скали за да оди на пазар. Зградата немаше лифт, но тоа не ја спречуваше да ја продолжи својата рутина.

Сепак, една работа ја вознемируваше веќе три години — одморалиштето на приземјето, веднаш пред скалите, постојано се поплавуваше. Жената повеќепати се жалеше кај хигиеничарите, но не доби никаква реакција. Се чувствуваше игнорирана и незабележана.

Еден ден одлучи да ја провери просторијата до одморалиштето. Она што го откри ја шокираше: просторијата била претворена во дива депонија, а од една шахта во средината на просторијата  извираше фекална вода. Таа се ширеше по подот и продираше низ ѕидовите на одморалиштето.

Веднаш го повика домарот. Тој, иако очигледно знаеше за проблемот, реагираше незаинтересирано. Со подбив ѝ рече:

- Не се мачи. Знаеме што правиме. Ништо не можеш да смениш. Не си го троши времето.

Навредена и разочарана, жената сфати дека мора да преземе нешто. Иако се чувствуваше беспомошна, во себе почна да го бара начинот како да го спречи понатамошното уништување на зградата и достоинството на нејзините станари.

Седна на скалите, замислена и тажна. Во тој момент ѝ пријдоа неколку деца од соседството. Седнаа до неа и ја прашаа дали ѝ треба помош. Таа им го раскажа проблемот и призна дека не знае што повеќе да направи.

Највозрасното дете ѝ рече:

- Денес никој не е беспомошен, особено ако зборува вистина и има докази. Повикајте медиуми!

Друго дете додаде:

- Испратете мејлови и дописи до сите институции. Објавете го  на интернет. Не дозволувајте да ни ја уништат зградата и угледот!

Охрабрена од нивните зборови, жената реши како да постапи. Размислуваше гласно:

- Млади се, паметни се. Знаат како функционира светот денес.

Така започна нејзината дигитална борба. Напиша објава на Фејсбук, го сподели проблемот со соседите и покрена онлајн кампања. Креираше блог и веб-страница каде детално ги наведе сите институции и поединци кои не реагираа на алармантната состојба.

Не помина долго и се случи нешто неверојатно. По три години игнорирање и залудни обиди преку формални канали, проблемот беше решен за само еден час. Властите веднаш интервенираа. Шахтата беше санирана, просторијата исчистена, а зградата повторно стана безбедна и чиста (барем така и се стори).

Неколку месеци подоцна, жената се пресели во старски дом. Децата од соседството редовно ја посетуваа и ја известуваа за се што се случува во зградата.

Но, иако шутот беше однесен, проблемот не беше целосно решен. Неподносливата миризба продолжи да се шири. Жителите пополека си заминуваа - зградата се празнеше, а со неа и надежта дека нештата ќе се подобрат. .................

Но приказната не заврши тука. Нејзината борба ја продолжија децата од соседството. Со својата енергија и истрајност, тие ја презедоа иницијативата и не се откажуваат. Убедени се дека наскоро ќе го решат проблемот - за радост на сите станари. Нивната главна цел е јасна: инсистираат шахтата конечно да биде дислоцирана надвор од зградата, каде нема да ја загрозува хигиената и безбедноста на живеењето.

ЗАКЛУЧОК:

Користењето  интернет не е грда работа, не е понижување, напротив, тоа е вештина  за унапредување и создавање подобро општество. Интернетот е наше секојдневие  и пристапот до интернет е прогласен од Обединетите нации за  едно од човековите права. Користете го интернетот за ширењето на вистини, затоа што е гласен и моќен. Тоа не можете и не смеете да го правите од лажни профили и анонимно. Зад секоја вистинита информација или вест стои познат автор.

Дигиталниот активизам е присутен и кај нас, иако не во доволна мера поради нашиот карактер, па честопати премолчуваме, заборавајќи дека молчењето е соучесништво.

Од тие причини е неопходен еден изборен предмет во основното образование кој ќе ни даде вистински основи од медиумската етика, критичко размислување  и правилно користење на медиумите.

​Треба да пишуваме само вистини и да објавуваме вистинити факти, ако сакаме здрав медиумски простор и описменети поколенија во секоја смисла.

 



Наставно ливче по Медиумска писменост

Тема: Дигитален активизам – кога интернетот станува глас на вистината

ДЕЛ 1: Разбирање на текстот

1. Кој беше проблемот во зградата што ја загрижуваше старата жена?
Одморалиштето се поплавуваше со фекална вода поради шахта што истекуваше од соседна просторија.

2. Како реагираа институциите кога таа првпат пријави проблем?
Институциите не реагираа - ја игнорираа нејзината жалба три години.

3. Кој ѝ помогна да ја најде силата да продолжи со борбата?
- Неколку деца од соседството ја охрабрија и ѝ дадоа идеи како дигитално да го сподели проблемот.

4. Што направи жената откако доби поддршка од децата?
-Објави фотографии и информации на интернет, креираше блог и испрати дописи до институции.

5. Каков беше резултатот од нејзината дигитална акција?
- Проблемот беше привремено решен за само еден час - просторијата беше исчистена и шахтата санирана.

ДЕЛ 2: Критичко размислување

6. Зошто дигиталниот активизам беше поефикасен од формалните пријави?
- Затоа што преку интернет, проблемот стана јавно видлив, а институциите се почувствуваа притиснати да реагираат.

7. Што значи реченицата: "Никој не е беспомошен, особено ако зборува вистина и има докази"?
- Секој има моќ да промени нешто ако гласно ја сподели вистината, особено преку медиуми и интернет.

8. Каква е улогата на младите во оваа приказна?
- Младите ја охрабрија жената, ја научија како да користи дигитални алатки и потоа ја продолжија нејзината борба.

ДЕЛ 3: Медиумска писменост

9. Што е дигитален активизам?
Дигитален активизам е користење на интернет и дигитални алатки за да се пријават неправди, да се информира јавноста и да се побара промена.

10. Зошто не треба да се користат лажни профили при дигитален активизам?
Затоа што вистината бара транспарентност, а вистинските автори треба да застанат зад своите зборови.

11. Дали интернетот е „грдо место“ или алатка за подобро општество, според текстот?
Интернетот е алатка за подобро општество, ако се користи етички, транспарентно и за вистински цели.

ДЕЛ 4: Активно граѓанство

12. Што би направил/а ти ако забележиш сличен проблем во твојата зграда или училиште?
Пример одговор:
Би го документирал проблемот со фотографии, би разговарал со возрасни и наставници и би објавил онлајн или испратил допис до надлежни институции.

13. Предложи еден слоган за дигитална кампања:
 "Интернетот зборува - користи го за вистината!"   или   "Не молчи! Кликни за промена!"

ДЕЛ 5: Рефлексија

14. Што научи од оваа приказна? Напиши две реченици.
Научив дека дури и еден поединец може да предизвика промена ако користи вистина и интернет.
Медиумската писменост значи да знаеш кога и како да зборуваш - и никогаш да не молчиш пред неправда.

Цели:

- Да ги поттикне учениците да го користат интернетот за вистинити и
  општествено важни цели.

- Да разберат што значи дигитален активизам.

- Да развијат чувство за медиумска одговорност и граѓански ангажман.

Comments

Popular posts from this blog

Кога незнаењето станува петка

Студија на случај: Воведување на СТЕМ како нов начин на учење

Фестивал на наука по повод "Светски ден на науката за мир и развој"