Проект ГЛОБЕ – ФЕНОЛОГИЈА: ПРОМЕНА НА БОЈАТА НА ЛИСЈАТА
Согласно постигнатите резултати и активностите во рамките на кампањата „Есенско дрво/Фенологија GLOBE 2024“, со задоволство го објавуваме признанието за нашиот придонес во оваа значајна иницијатива. Кампањата обедини 300 училишта од 26 земји во Европа и Евроазија, а нашето училиште се истакна со својата активност и посветеност.
Во текот на кампањата, учениците од нашето училиште активно учествуваа во истражувањата, собирањето податоци и анализирањето на фенолошките промени на дрвјата и растителната покривка, како дел од глобалниот проект GLOBE. Преку овие активности, нашите ученици не само што се стекнаа со практично знаење за фенологијата и климатските промени, туку и придонесоа во глобалното разбирање на сезонските промени и нивното влијание на животната средина.
Признанието е резултат на нивната упорност и ентузијазам за наука, како и на тимската работа која ја вложија во овој важен проект. Се надеваме дека ова ќе биде само почеток на многу други успешни учества во научни и еколошки иницијативи.
Нашето училиште продолжува да ги охрабрува учениците да учествуваат во глобалните научни проекти и да придонесуваат кон создавање на подобра и поодржлива иднина за сите нас.
Честитки до сите ученици и наставници кои беа дел од овој проект!
Зошто да се проучуваат фенолошките промени?
Секоја година, со подобрување на условите за раст на растенијата, бран од зеленило се простира по површината на копното, а се повлекува со исчезнувањето на тие услови. Тие бранови се во директна врска со глобалната фиксација на јаглерод, односно со количеството на јаглерод диоксид (CO2) во атмосферата. Периодот меѓу озеленувањето на копното и повлекувањето на зеленилото се нарекува вегетациска сезона. Промените во должината на вегетацискиот период може да бидат показатели за глобалните климатски промени.
Некои научници неодамна забележале дека во северните подрачја вегетацискиот период е продолжен за осум дена во однос на раните 1980-ти. Но, нивниот заклучок е дискутабилен, бидејќи се заснова само на сателитските податоци. Потребни се непосредни набљудувања на површината на Земјата за да се потврдат проценките добиени со примена на сателитска технологија.
Зошто да се прават фенолошките мерења?
Проценките засновани врз сателитските снимки често варираат поради проблеми како што се интерференцијата со облаците, постоењето на атмосферски аеросоли, маглата и други состојки на атмосферата, кои можат да влијаат на сателитското отчитување на интензитетот на зеленилото. Други проблеми, како што се малиот агол на сончевите зраци на високите географски ширини и промената на аголот на сончевото зрачење во текот на годишните времиња, исто така влијаат на квалитетот и дометите на овие процени.
Набљудувањата од учениците учесници во проектот ГЛОБЕ претставуваат единствен глобален набљудувачки систем на фенолошките промени на растителната покривка на целата површина на Земјата. Овој систем ќе помогне да се дополни и подобро да се интерпретира и објасни промената на глобалниот вегетациски период, врз основа на сателитските проценки.
Зеленеењето на растенијата започнува кога прекинува периодот на мирување (дорманција), при промена на условите на околината: подолга изложеност на светлина, повисоки температури во умерените подрачја, а пониски температури и дожд во пустинските и сушните региони. Кога растенијата ќе озеленеат, хлорофилот во нивните листови ја апсорбира сончевата светлина за фотосинтеза. Во процесот на фотосинтеза од атмосферата се врзува јаглерод диоксид, од кој атомите на јаглеродот се користат за изградување на растителното ткиво.
Јаглерод диоксидот, како стакленички гас чија концентрација во атмосферата постојано расте, би можел да има влијание на глобалното затоплување. За изработка на компјутерски модели за атмосферски CO2, на научниците им се потребни точни податоци за времето и траењето на глобалното зеленило (кога во текот на денот активно се одвива фотосинтезата). Тоа е особено важно бидејќи се чини дека вегетацискиот период во некои делови на светот е драматично продолжен.
Следењето на должината на вегетациската сезона може да ги открие климатските промени и да помогне во разбирањето на јаглеродниот циклус (кружењето на јаглеродот меѓу живата и неживата природа), кој е клучен за функционирањето на Земјиниот систем.
Влијанието на транспирацијата и водата
При фотосинтезата, билките транспирираат (влечат вода од почвата преку кореновиот систем и ја испуштаат низ површината на листовите). Ова влијае на температурата на атмосферата (воздухот) и влажноста, како и на влажноста на почвата. Со завршувањето на вегетацијата (green-down), транспирацијата на растенијата се намалува. Билките го редуцираат губитокот на вода во времето кога достапноста на вода е ограничена – во ладните зимски или сушни периоди. Разбирањето на глобалната вегетациска сезона придонесува и за разбирање на глобалниот воден циклус.
Научниците ги применуваат проценките за зеленилото и за картографирање на областите под опасност од пожар. Интензивно зелените подрачја претставуваат помала опасност за појава на пожар. Картирањето на зеленилото помага и во разбирањето на миграциските патишта за поедини животински видови.
Comments
Post a Comment